Градски трговски центар (скратено ГТЦ) – трговски објект изграден покрај реката Вардар, во центарот на градот Скопје, Македонија.

Изградбата била официјално започната на 11 октомври 1969 година, а на 27 април 1973 бил пуштен во официјална употреба. Градскиот трговски центар претставува културна икона и еден од најпрепознатливите објекти за градот Скопје.

Објектот има две подземни, приземно и две надземни нивои исполнети со простори за трговски, угостителски, занаетчиски, банкарски и други услуги. Во комплексот на Градскиот трговски центар се интегрирани и петте постоечки станбени кули на кејот 13 Ноември, изградени пред земјотресот во Скопје.

Идеја

Значајните трансформации на градот, по земјотресот, иницирале потреба од изградба на регионален центар. Нагласената изградба на станбени реони, индустријата и другите функции, зголемениот број на населението, порастот на животниот стандард, а со тоа и зголемените куповни можности, се само дел од причините за актуелизација на изградбата на нови трговски простори, во услови на смалени капацитети по уривањето на објектите и расчистувањето на просторите поради реализацијата на новиот урбанистички план во централното градско подрачје. Вкупниот фонд на деловен просто изнесувал 60 560 m2 , што било недоволно за задоволување на нараснатите потреби.

Анализата на состојбите на местото и улогата на централното градско подрачје, укажале на потребата од изградба на голем, повеќенаменски и современ трговски цента, кој ќе овозможи враќање на животните текови на тој простор. Географската положба и традиција, врзани за минатото, укажуаат на перманентен интерес на подрачјата во потесниот и поширокиот регион и посебно интересот н а граѓаните од соседните и другите земји. Ваквата положба условила да се изгради регионален трговски центар што може да ги задоволи интересите и потребите на голем број потрошувачи.

Избраната локација за изградба на трговски центар со регионални карактеристики, според урбаництичките услови, обезбедува:
– задоволување на меѓуградските и градските потреби
– поволни сообраќани услови во системот на централно градско јадро, градските и приградските населби
– корелација со просторот на другите позначајни агломерации и централното градско подрачје
– можност за подобра организација и технологија на работењето
– можност на едно место да може да се види, запознае и купи повеќе стока од кој било друг градски простор преку понуда на поширок, побогат и поквалитетен асортиман
– можност на нудење на повеќе видови услуги: лични, поштенски, банкарски, трговски, занаетчиски и др.
– услови за меѓучовечки среќавња и одржување на богатите традиции на централното градско подрачје и
– мoжност за современо и модерно тргување и однесување, со цел да се изменат навиките и да се создадат нови односи.

Првите иницијативи за изградбата на регионален трговски центар потекнале од Заводот за станбено – комунално стопанисување. Во согласност со ново усвоениот урбанистички план, Заводот спровел широка акција за подготовка за изработка на потребната програмска инвестиционо – техничка документација.

Во 1966 година била прифатена идејата за изградба на регионален трговски центар, со угостителски, трговски и занаетчиски дуќани, а веќе во 1967 бил објавен општ југословенски конкурс за идејно решение, со програма за потребите на постојната состојба на локацијата, но без градежни и урбанистички ограничувања.

Комуникации

Функционалното решение на Градскиот трговски центар ја истакнува доследноста во одвивањето и нагласувањето на одделни просторни целини, со насочување на хоризонталните и вертикалните комуникации за дотур на стока и за пристап на посетители преку изградени пасарели, систем од ескалатори, столбишта и лифтови. Предвидени се четири групации со четири столбишта со по два ескалатора на еден кат, односно вкупно 28 ескалатори, од кои 6 ескалатори во стоковните куќи и 7 вертикални сервисни јадра со лифтови за дотур на стока.