Со завршувањето на Втората светска војна и со победата на Народната револуција, македонскиот народ создава сопствена држава – СР Македонија, во рамките на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Скопје станува главен град на СР Македонија, политички, економски и културен центар, со што се создаваат отворени можности за негов општествен и стопански развој. Запонува период на интензивна обнова и изградба на Скопје, во кој со голем ентузијазам се извршуваат сите задачи кои ги поставувала младата Република.

Ново создадените услови, го запираат натамошното опаѓање на Скопје, а јасно определените насоки за развојот на општественото, економското и политичкото уредување, ги поставуваат темелите на социјалистичкиот сектор и воведување на нови производни односи. За подобро планско уредување, во 1948 година бил изработен првиот Урбанистички план, кој целосно ги вклучува стопанските планови за долгорочен развој. Се обезбедува комплексен развој на индустриските, станбените и централните зони, со определени содржини и димензии и квалитетни придружни функции.

Напоредно со другите стопански дејности, трговијата добива многу значајно место. Тaa успешно ги надминува проблемите наметнати по војната. Започнува процес на создавање на трговски основи врз нови основи, преку изградбата на првите народни магазини и други популарни продавници во различни делови од градот. Овие први социјалистички претпријатија ја преземаат иницијативата за поинтензивен и поквалитетен развој, преоѓајќи ги сите фази, од планско рационално снабдување до широк асортиман и висок квалитет.

Според новиот Урбанистички план, новите површини наменети за трговски дејности, се распоредени во постојните трговски локалитети во центарот на градот, Старата чаршија и новите станбени реони. На овој начин, трговијата сѐ повеќе ја развива својата дејност; стоковната размена и асортиманот континуирано се прошируваат, почнува окрупнување на трговската мрежа и нејзино вклучување во меѓународниот промет.

Трговијата во Скопје станува значајна гранка. Се градат големи трговски објекти, првата стоковна куќа, Скопскиот саем и други капацитети. Градот расте и се повеќе се развива и расте, а со тоа се проширува и неговата трговска мрежа со современи капацитети.